Одделот за управување со животната средина на Род Ајленд во САД објави интересно видео на кое се гледа редок вид риба.
Имено, според објаснувањето, видеото е снимено од еден од нивните нуркачи во областа Њупорт, а на него се гледа редок примерок од т.н. океанска сончева риба, која е позната и како мола мола.
Океанските сончеви риби се најтешките коскени риби на Земјата, кои можат да тежат над 900 килограми. И покрај нивната необична форма и бавно темпо, тие се силни пливачи способни да нуркаат до длабочина од 600 метри.
„Нивните големи грбни перки често се мешаат со ајкула или, повремено, со бебе кит. Оваа полека пливаше покрај нашиот брод и нуркачки тим, веројатно хранејќи се на област полна со медузи“, соопшти одделот.
Иако е почеста во океанот, примероци од оваа риба се видени и во Јадранското Море.
„Оваа риба повремено се појавува во Јадранското Море, само среќници имале можност да ја видат бидејќи дури и кога е во Јадранското Море, е на големи длабочини. Интересно е што оваа огромна риба има заби споени во клунот и никогаш не може да ја затвори устата, па затоа е секогаш полуотворена. Устата, велат биолозите, е значително помала во однос на пропорциите на нејзиното тело. Таа е автохтона во Јадранското Море и најчесто влегува во Северниот Јадран за да се храни. Главно се храни со медузи, зоопланктон и безрбетници“, пишува Slobodna Dalmacija за рибата која во Хрватска е позната како veliki bucanj.
Поради нивниот начин на живот во длабоко море, релативно малку се знае за овие мистериозни риби. Познато е дека се наоѓаат речиси насекаде во светот, но нивниот број се намалува поради човековата активност. Наведени се како загрозени, класифицирани како ранливи, на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата.