Американска истражна агенција утврди дека подморницата Titan на компанијата OceanGate, која имплодираше за време на нуркањето кај потонатиот брод Titanic во јуни 2023 година, била уништена поради низа сериозни недостатоци во дизајнот и тестирањето, објави BBC.
Во несреќата загинаа сите пет лица на пловилото, вклучувајќи го и директорот на OceanGate, Стоктон Раш.
Според извештајот на Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (НТСБ), процесот на инженерскиот развој на Titan бил „несоодветен“, што довело до грешки што предизвикале подморницата да не ги исполни стандардите за цврстина и издржливост.
Националниот одбор за безбедност на сообраќајот тврди дека OceanGateникогаш правилно не ја тестирал Titan и затоа не знаел колку всушност е силна подморницата. Покрај тоа, компанијата не била свесна дека пловилото е оштетено и требало да биде повлечено од употреба пред фаталното нуркање.
Titan исчезна во Северниот Атлантик додека се обидуваше да стигне до остатоците од „Титаник“, кои се наоѓаат на околу 600 километри од канадскиот град Сент Џонс во покраината Њуфаундленд и Лабрадор.
Во август 2024 година, крајбрежната стража на САД издаде посебен извештај во кој ја опиша несреќата како „целосно спречлива“ и ја критикуваше OceanGateза „сериозно погрешни безбедносни практики“.
Подморницата на своето последно патување ја управуваше Стоктон Раш, а беше придружуван од познатиот истражувач на длабокоморските длабочини Пол-Анри Наржоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман Давуд.
Сите платиле до 250.000 долари за да учествуваат во експедицијата.
За време на истрагата, НТСБ откри сериозни проблеми во безбедносната култура на OceanGate. Додека некои вработени тврдеа дека безбедноста е приоритет, други, вклучувајќи го и поранешниот директор за поморски операции и еден техничар, опишаа работна средина „во која безбедноста, а особено прашањата за дизајнот, систематски се игнорираат“.
Еден техничар рече дека имал забелешки на деловниот модел на OceanGate, особено на практиката патниците да се нарекуваат „специјалисти за мисија“ за да се избегнат законски ограничувања. Според американските прописи, нелегално е да се превезуваат патници на експериментални подморници.
Техничарот рече дека го предупредил Раш, велејќи: „Не можете само да ја смените титулата на некого ако сте платени за тоа“. Во подоцнежен разговор за истото прашање, Раш наводно му рекол: „Ако крајбрежната стража стане проблем, ќе купам конгресмен и ќе го решам“.