Русија го одложи лансирањето на три мисии на Месечината, објави агенцијата Interfax, што претставува нов удар врз амбициозната програма за истражување на Месечината во време кога долгогодишниот ривал, Соединетите Американски Држави, одбележуваат историски лет околу Месечината.
Лансирањето на руските вселенски летала Луна-28, Луна-29 и Луна-30 се одложени за периодот од 2032 до 2036 година, ја пренесува Interfax изјавата на потпретседателот на Руската академија на науките Сергеј Чернишев.
Не е наведено кога првично биле планирани овие мисии, но новите одложувања доаѓаат по минатогодишното одложување на други руски вселенски и лунарни проекти, како и слетувањето на беспилотното вселенско летало Луна-25 на површината на Месечината во 2023 година.
Русија смета дека истражувањето на Месечината е клучно за нејзините национални интереси, изјави шефот на руската вселенска агенција Роскосмос по неуспешната мисија во 2023 година, нагласувајќи дека е во тек трка за развој и искористување на природните ресурси на Месечината.
Советскиот Сојуз го лансираше првиот сателит во вселената и го испрати првиот човек во вселената во 1960-тите, но вселенската програма на Русија, некогаш меѓу најмоќните, се заглави во постсоветскиот период, заостанувајќи зад САД и сè повеќе зад Кина.
Оваа недела, четири астронаути од мисијата Artemis II на НАСА станаа првите што ја орбитираа Месечината по повеќе од 50 години, патувајќи подалеку во вселената од кој било човек пред нив.