Мегаракетата Starship од компанијата SpaceX на милијардерот Илон Маск експлодира за време на рутински тест во Starbase во Тексас, без пријавени повредени, соопштија локалните власти во четврток.
„Во средата во 23:01 часот по локално време, за време на рутински статички тест во Starbase во Тексас, Starship 36 на SpaceX доживеа катастрофален дефект и експлодира“, соопштија властите на округот Камерон, Тексас, на нивната Facebook страница.
„За среќа, во овој момент нема пријавени повредени“, рекоа тие. „Протоколите за итни случаи беа брзо имплементирани и во тек е истрага за да се утврди причината за инцидентот.“
SpaceX, исто така, ја потврди несреќата.
„Starship, кој се подготвуваше за својот десетти тест лет, доживеа голема аномалија додека беше на тест-локацијата во Starbase“, напиша компанијата во порака на X, додавајќи дека „безбедносна зона околу локацијата беше одржувана во текот на целата операција“ и дека „сиот персонал е безбеден и здрав“.
„Нашиот тим на Starbase активно работи на обезбедување на местото за тестирање и неговата непосредна околина во соработка со локалните власти“, додаде компанијата, уверувајќи дека „нема ризик за жителите“.
Ова не е прв неуспех на ракетата, која е со големина на 40-катна зграда и е најмоќната во историјата. Минатиот месец, на 27 мај, Starship успешно стигна до вселената, но нејзиното вселенско летало експлодира пред планираното спуштање на Земјата.
За време на двата претходни тестови во јануари и март, горниот дел експлодира рано во летот, испраќајќи врели остатоци што летаа над Карибите, предизвикувајќи минимална штета.
Овие инциденти се случуваат редовно, бидејќи компанијата на Елон Маск се потпира на ризична стратегија: лансирање повеќе прототипови за постепено да се исправат проблемите што се појавуваат за време на летот.
Технолошкиот магнат смета на оваа мегаракета за да го спроведе својот амбициозен проект за освојување на Марс.
Елон Маск се етаблираше како клучен играч во вселенскиот сектор во последниве години. Вашингтон му довери неколку клучни мисии во оваа област, но иднината на тоа партнерство сега е неизвесна по неговото подеднакво експлозивно разделување со претседателот Доналд Трамп.
Неговите ракети ги носат астронаутите на НАСА во вселената, служат за високо чувствителни мисии на Пентагон и наскоро би можеле да играат централна улога во долгоочекуваното враќање на Американците на Месечината.