Леденото јадро, за кое се смета дека е старо повеќе од 1,5 милиони години, е однесено со авион во Велика Британија, каде што научниците ќе го стопат за да добијат клучни сознанија за климата на Земјата.
Леденото јадро, кое изгледа како стаклен цилиндар, е најстариот мраз на планетата. Било дупчено длабоко во антарктичкиот леден покрив. За научниците, содржи нови информации што би можеле да бидат револуционерни во разбирањето на климатските промени. Сместено е во комора од -23 степени Целзиусови во Британскиот антарктички истражувачки центар во Велика Британија.
„Леденото јадро претставува сосема непознат период во историјата на Земјата“, рече д-р Лиз Томас, раководителка на истражувањето во споменатиот центар.
Мразот ќе се топи 7 недели, ослободувајќи древна прашина, вулканска пепел и ситни морски алги наречени дијатомеи кои се замрзнале. Научниците го гледаат ова како материјал што ќе им каже за моделите на ветер, температурите и нивото на морето пред повеќе од милион години.
Леденото јадро било исечено на милиони блокови што биле транспортирани со брод. Две институции во Германија и Швајцарија држат делови од јадрото долги 2,8 километри.
Научниците сега се во можност да најдат докази за период од пред повеќе од 800.000 години, кога концентрациите на јаглерод диоксид (CO₂) можеби биле природно високи или дури и повисоки отколку што се денес. На крајот на краиштата, ова ќе им помогне да разберат што ќе се случи во иднина додека планетата реагира на затоплувањето.
Разликата помеѓу денешниот период и претходните периоди на високи емисии на стакленички гасови е во тоа што луѓето предизвикале брзо зголемување на емисиите на стакленички гасови во текот на изминатите 150 години, пишува BBC.