Meta подготвува голема промена во начинот на кој работи WhatsApp.
Можно е апликацијата наскоро да им овозможи на корисниците да испраќаат и примаат пораки од луѓе кои не користат WhatsApp, открива порталот Android Central.
Новата функција, наречена Third-party chats, моментално се тестира во бета верзија (Android 2.25.33.8), и треба да овозможи размена на текстуални пораки, фотографии, видеа, гласовни пораки и документи помеѓу WhatsApp и други апликации за пораки.
Корисниците ќе можат да изберат дали сакаат ваквите разговори да се појавуваат во главната листа за разговор или во посебен дел Third-party chats. Засега е познато дека во тестирањето учествува само една апликација – BirdyChat.
Некои функции, како што се налепници, статус и „исчезнувачки“ пораки, нема да бидат достапни при комуникација помеѓу различни апликации. Исто така, блокирањето на контакт на WhatsApp не значи автоматски дека таа личност не може да ве контактира преку друга апликација, а тоа зависи од тоа дали другата платформа поддржува блокирање.
Воведувањето нова функција не е случајно. Meta одлучи да го преземе овој чекор поради регулативата на Европската Унија за Законот за дигитални пазари (DMA), која ги обврзува големите технолошки компании да овозможат интероперабилност на нивните услуги со конкурентските апликации.
Компанијата Meta објави дека работи на имплементација на систем што ќе овозможи размена на пораки, а воедно ќе ги зачува високите стандарди за приватност и енкрипција по кои е познат WhatsApp.
Meta сè уште не го објави точниот датум кога функцијата ќе стане достапна за поширок број корисници.