Тенис

Ѓоковиќ доби контратужба од Рио де Жанеиро

23. февруари 2018 - 9:25 | А.С.

Властите на Рио де Жанеиро поднесоа тужба против Новак Ѓоковиќ како одговор на неговата тужба против градот од пред две години.

Ѓоковиќ во 2012 година играше ревијален меч со Густаво Кертен и договорот беше на српскиот тенисер да му бидат исплатени 1,1 милиони долари, а досега му се исплатени само 450.000, што значи дека властите на Рио му должат на тенисерскиот ас 650.000 долари.

Државниот секретаријат за спорт, рекреација и млади потврди дека има долг кон Ѓоковиќ, а уште во јануари, 2014 година Дејан Петковиќ, српски фудбалер кој се прослави во Бразил, рече дека не е исплатена ни половина од сумата што била договорена со Ноле. Поради тоа Ѓоковиќ поднесе тужба во февруари, 2016 година.

Сега следи „контранапад“ од властите во бразилскиот град – тужениот поднесе тужба против Ѓоковиќ за административни неправилности во текот на посетата во 2012 година, објави „O Globo“ на својот веб-портал.

Гостувањето на српскиот тенисер во Рио го организирале две компании, „Деки 10“ и „Адма евенти“, кои исто така се наоѓаат на листата на тужени.

„Деки 10“ е во сопственост на Дејан Петковиќ и според тужителите тој се товари за нерегуларно добивање на правото на организација на тендер, поради што бил оштетен буџетот на градот.

Се спомнуваат суми за отштета од околу половина милион американски долари, а меѓу имињата што се спомнуваат дека наводно биле вклучени во акцијата е и Марсија Беатрис Исидоро, поранешна министерка за спорт.

Коментирај