Тенис
СРПСКИОТ АС СЕ ДОКАЖА ОД 2010 ДО 2020

Ѓоковиќ е најдобар тенисер на деценијата

12. декември 2019 - 16:13 | А.С.

Најдобриот српски спортист на сите времиња е избран за најдобар тенисер на изминатата деценија во изборот на престижниот веб-сајт tennis.com.

Новак Ѓоковиќ од 2010 година наваму освои 15 од вкупно 16 Грен слем трофеи. Запиша само 24 порази наспроти импресивни 216 победи, од кои некои беа епски, како финалето на годинашниот Вимблдон кога го совлада Роџер Федерер по спасени меч-топки.

Тој освои рекордни седум титули на Австралија Опен и во изминатите 10 години дури пет пати го кренал вимблдонскиот трофеј, од кои три пати во финалето го победувал Федерер (2014, 2015, 2019), кого го сметаат за „крал“ на турнирот.

Исто така, Ноле славел на Ролан Гарос 2016, прекинувајќи ја импресивната низа на Рафаел Надал кој овој Грен слем го има освоено 12 пати. Србинот има пехари од УС Опен, со што стана еден од ретките во историјата на тенисот кои ги комплетирале сите Грен слем трофеи.

Она што го издвојува Новак Ѓоковиќ е посебниот стил на игра кој прави секој негов потег да изгледа како нештото да е лесно за изведување, како и неговите специфични движења и флексибилност поради што го нарекуваат „човек од гума“. Не треба да се занемари и неговиот импресивен бекхенд.

Ѓоковиќ од 2010 година наваму има одиграно вкупно 726 мечеви и остварил 627 победи и 99 порази.

„Новак Ѓоковиќ е најдобриот тенисер во изминатата деценија, а до крајот на следната можеби ќе го наречеме и најдобар на сите времиња“, стои во текстот на tennis.com.

Коментирај