Тенис

Ѓоковиќ „преживеа“ против Карењо-Буста

20. април 2017 - 20:40 | Макфакс

Новак Ѓоковиќ одигра уште еден тежок меч на Мастерсот во Монте Карло, меч преполн со осцилации, но на крајот успа да го совлада Шпанецот Пабло Карењо-Буста и да ја избегне судбината на Мареј и Вавринка кои го завршија својот настап во Монте Карло.

Новак Ѓоковиќ, во второто и третото коло на Мастерсот во Монте Карло, одигра два идентични натпревари. Исто како и во мечот со Жил Симон и против Пабло Карењо-Буста одигра добро во првиот сет, потоа не личеше на себе во вториот, иако во финишот имаше можност по негативата 2:5 да стигне до 5:5, а во решавачкиот сет осцилираше и се мачеше се до финишот, а потоа со брејк и сигурен сервис го реши прашањето на победникот.

Мечот во Монте Карло траеше два часа и 26 минути, а српскиот тенисер победи со 6:2, 4:6, 6:4.

Ѓоковиќ во четвртфиналето ќе игра против Белгиецот Давид Гофан, кој како и Ѓоковиќ одигра три сета и го победи Австриецот Доминик Тим.

За разлика од Ѓоковиќ, Рафаел Надал, одигра импресивен меч против младата тениска ѕвезда Александар Зверев. Шпанецот на Зверев му препушти само два гема, по еден во секој сет.

Надал во наредната рунда за противник ќе го има Аргентинецот Шварцман, кој го победи квалификантот од Германија, Штруф со 6:3, 6:0. 

Коментирај