Гласни пораки против насилството врз жените

Денеска е Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените и по тој повод со апели до јавноста се обратија повеќе функционери и институции.

Во периодот од 2008 до 2016 година во Македонија се случиле вкупно 70 убиства на жени. Со оглед на тоа што институциите не препознаваат податоци за фемицид, бидејќи не е дефиниран како посебно кривично дело и не е инкорпориран во Кривичниот законик, идентификувани се 54 жртви, а во 51 случај има основа за фемицид. Пристап до судските предмети е добиен за 34 од тие случаи,  при што утврдено е дека 28 од нив биле фемицид или убиство на жената затоа што е жена. Ова се заклучоците од Анализата на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија изработена од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со техничка и финансиска поддршка од УНДП, во 2018 година.

Заев: Имаме одговорност да создаваме атмосфера во која насилството врз жените е неприфатливо

„Сите ние, а особено, ние мажите, имаме општествена одговорност да создаваме атмосфера во која насилството врз жените е неприфатливо и срамно“, напиша премиерот Зоран Заев на Facebook по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените.

Во статусот, Заев апелира до жртвите на семејно насилство да не молчат и случајот да го пријават во надлежните институции.

„Една од моите лични заложби е мирното решавање на сите конфликти низ разговор, низ дијалог, на достоинствен начин и со почит кон другите во политиката и во мојот приватен живот. Во период кога поради кризата со пандемијата од COVID-19 сите повеќе седиме дома, регистрирано е зголемување на насилството врз жените. Затоа, многу е важно жените да не молчат, да кажат НЕ на насилството и веднаш да пријават“, напиша Заев упатувајќи до линк до страницата на МТСП.

Тој потсетува дека политичките на Владата се насочени кон превенција и заштита на жртвите од насилство, а потврда за тоа се отворените шелтери за згрижување, ратификацијата на Истанбулската конвенција и најновиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Шахпаска: Сите ние, не 16 туку 365 дена да работиме на прашањето на насилството, родово-базираното и семејното насилство

За да се овозможи соодветен одговор на сите форми на насилство врз жени и девојчиња потребно е спроведување сеопфатна политика за борба против насилството, политики кои ќе бидат елемент на демократското и транспарентно владеење, кое ја чини суштината на владеење на правото. Токму затоа како Министерство посветено работиме за подобрување и креирање национални политики, превенција и заштита на жртвите на насилство.

Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на онлајн настанот „Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство“. Организатор на настанот е Министерството за труд и социјална политика по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените – 25 ноември.

Шахпаска, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП), порача сите ние, не 16  туку 365 дена да работиме на прашањето на насилството, родово-базираното и семејното насилство.

– Овој ден не треба да се чествува, затоа што ние не празнуваме, туку ја подигнуваме светста на целото општество за борбата која не треба да трае само во престојните 16 дена активизам,туку борбата против насилството врз жените,  родово базираното насилство и семејното насилство е наша обврска како граѓани, носители на одлуки, политичари, како општество да трае во континуитет, истакна министерката Шахпаска.

Таа се осврна на историскиот момент на жената во семејството, родовите стереотипи, подредената позиција на жената и доминацијата на мажот кога се работи за функционирањето на семејството како основна општествена клетка. Потенцираше дека потпишаната ратификација на Истанбулската конвенција во 2017 година значи и преточување на одредбите во законско решение, всушност тоа е и суштината на новиот Закона за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој е во собраниска процедура.

-Очекувам низ една широка, транспарентна дебата заедно и власта и опозицијата, да ја отвориме расправата на овој закон, затоа што насилството не препознава општествен или имотен  статус, ниту верска или политичка определба.Тоа е реалноста за која сите отворено треба да говориме, да превенираме и заштитиме, истакна Шахпаска.

Министерката Шахпаска, како што се наведува, зборуваше и за значењето на новиот Предлог- закон, кој во себе вклучува превенција, механизми на спречување и зштита од насилство, но исто така и санкции за непостапување со должно внимание и за институциите, во спротивно жртвата има можност да поднесе тужба за непостапување  и се однесува на сите кои се вклучени во процесот за реагирање при насилство како Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, за внатрешни работи, Органите на државна управа, се до единиците на локална самоуправа.

Како што соопшти МТСП, на настанот покрај министерката Шахпаска, учествуваа и министрите за образование и наука, за здравство и за внатрешни работи Мила Царовска, Венко Филипче, Оливер Спасовски, државниот секретар на МП Тасевска и претставници од меѓународните и граѓански организации, Росана Дуџиак, (UN Resident coordinator), Весна Ивановиќ Кастареде(UN WOMEN), Уранија Пировска од Хелсиншки комитет, Елена Димушевска, Национална мрежа против насилство врз жените и останати учесници.

Филипче: Жените сакам да знаат дека има каде да се обратат и да добијат стручна помош

„COVID-19 кризата ги погоди сите здравствени системи. Изолацијата за време на долгите карантини резултираа со зголемен број на семејни насилства. Секојдневно регистрираме вакви случаи во онлајн амбулантата на Клиниката за психијатрија, со што постојано го зголемуваме тимот во установата. Заеднички во еден инклузивен процес, институциите и граѓанските организации отворивме три центри за жртви од сексуално насилство согласно Истанбулската конвенција во Скопје, Тетово и Куманово. Жените сакам да знаат дека има каде да се обратат и да добијат стручна помош. Тие никогаш не се сами, преку институциите тие ја имаат нашата најголема поддршка. На денешниот Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените ја испраќаме пораката дека мора неуморно да работиме да ја подигнеме свесноста вакви случаи да има се помалку!“, апелираше министерот за здравство Венко Филипче преку Facebook.

И Претседателот Стево Пендаровски се вклучи во глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите Нации, чија цел е подигање на свеста за заштита и спречување на насилство врз жени и девојчиња и родово базираното насилство.

Царовска: Со квалитетно образование до превенција и спречување на насилство врз девојчињата и жените

Министерката за образование и наука Мила Царовска во видеообраќање по повод одбележувањето 16 дена активизам рече дека за родово базираното насилство треба гласно да зборуваме постојано, а не само во деновите кога трае кампањата.

Како што соопшти МОН, Царовска која е и долгогодишна активистка во борбата и јакнењето на женските права, рече дека Владата, но и Министерството за образование и наука посветено работат на искоренување на насилството врз жените и девојчињата, а тоа се прави во сите сегменти во општеството и низ образованието.

„Моите лични заложби, но и заложбите на Министерството за образование и наука се низ образовниот процес да создадеме ненасилно однесување на новите генерации, да го искорениме насилството во каква и да е форма од нашето секојдневие и да поттикнеме толеранција и почит. На ова веќе посветено работиме со укинување на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување и преку воведување нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите“, рече Царовска.

Министерката истакна дека големо позитивно влијание на сево ова ќе има и воведувањето на сексуалното образование во основното образование, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.

„Како Влада изминатите години направивме многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Почнувајќи од ратификација на Истанбулската конвенција, до засилување на мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество. Затоа, денес ве повикувам никогаш да не премолчуваме насилство, да делуваме во име на сите оние на кои им треба нашата помош. Да одговориме на предизвикот кој го нарушува најсветото – безбедноста и сигурноста на секој од нас. Портокаловата е само боја се додека не прерасне во симбол, во заедничка заложба. А, за тоа сме потребни сите. Да пријавуваме насилство, да подадеме рака, да помогнеме, рече Царовска.“

ХК: Новиот закон против насилството врз жените и семејството е добра основа, институциите да се подготват за целосна примена

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека најавениот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е добра основа за унапредување на борбата против овој тип насилство, но посочуваат дека тој целосно треба да се применува, заради што апелираат сите институции кои имаат надлежности во оваа сфера навремено да се подготват.

„Шеснаесет дена активизам против родово базирано насилство е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права. Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, кампањата се користи како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата. Годинава, Северна Македонија го одбележува овој ден со наговестувањата за промени, кои треба да ги донесе новиот Закон против насилство врз жените и семејното насилство. Ние ќе инсистираме на негова целосна примена на терен, за да се спречат идни случаи на убиства на жени поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Според нив, поради справувањето со пандемијата на Ковид-19 една од мерките била и повлекување во домовите како превентивна мерка за заштита на јавното здравје, во светски рамки се зголемило насилството врз жените и ја намалило можноста институциите да постапуваат сосодветно. Но, посочуваат, голем проблем претставува и недовербата на жртвите во државата и непријавувањето на насилството.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток апелираше сите релевантни институции соодветно и навремено да постапуваат по пријавите за семејно и родово базирано насилство, за да се спречат фаталните последици кои може да ги предизвика насилството, особено во домот. Она што беше од особена важност овој период, е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството. Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Според Министерството за внатрешни работи, за време на пандемијата е евидентиран намален број на кривични дела, но зголемен број на поплаки поврзани со семејното насилство. Значаен дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејствија на МВР за заштита на жртвите во случај на поплака не придонесуваат за надминување на проблемот“, велат од оваа организација.

Од почетокот на годинава Хелсиншкиот комитет регистрирал 23 случаи на семејно и родово базирано насилство, за кои била обезбедена бесплатна правна помош. Во споредба со претходните години, ова не укажува на постоење тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање.

„Она што треба да значи позитивно придвижување во борбата против насилството врз жените и девојчињата е најавата за усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како дел од обврските на државата прифатени со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година. Овој Закон беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието, а со кризата предизвикана од пандемијата неговото донесување дополнително се одолжи. Хелсиншкиот комитет со свои претставнички учествуваше во подготовката на ова законско решение, кое за прв пат го препознава семејното насилство како родово базирано насилство и ги прецизира дејствијата и мерките кои што треба да ги преземе државата за превенција и заштита, но и за реинтерграција на жртвите преку обезбедување на систем за поддршка, вклучително и економско јакнење“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму додаваат дека она што се очекува со донесувањето на овој закон е значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство.

ЕССЕ: Без целосна примена на новиот закон, нема да има промена во заштитата на жртвите на насилство

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕССЕ смета дека носење нов закон за спречување и заштита од насиство врз жените и семејно насилство нема да ги реши проблемите, доколку одредбите од законот не се применуваат. Законска рамка за справување со насилството, велат од ЕССЕ има веќе 16 години, но и покрај тоа системот не функционира како што треба и жртвите или немаат доверба во него и не пријавуваат, или пак доколку пријават не секогаш ја добиваат потребната заштита.

„Сметаме дека неодамнешните декларативни изјави и ветувања на високи владини функционери за усвојување на нови законски одредби за итна заштита на жртвите го занемаруваат фактот дека постоечкиот систем за заштита од семејно насилство е воспоставен уште во 2004 година. Притоа, за итна заштита од семејно насилство предвидени се привремените мерки како специјализиран превентивен механизам за заштита од семејно насилство се предвидени веќе 16 години, меѓу кои и мерката отстранување на насилникот од домот. Истовремено, актите на семејно насилство претставуваат кривични дела за чии сторители се предвидени затворски казни. За жал мораме да констатираме дека до сега властите не покажаа волја, ниту пак обезбедија финансиски средства за спроведување на законите во пракса и справување со овој сериозен општествен проблем“, велат од Здружението.

Од ЕССЕ бараат државата да алоцира пари и да презеде суштински мерки за надминување на долготрајните проблеми, како што се спроведувањето на кампањи за зголемување на свесноста кај јавноста за родовата еднаквост и семејното насилство, организирање на системска почетна и континуирана едукација на стручните лица од Центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судовите, подобрување на индивидуалното постапување и меѓусебната координација помеѓу надлежните институции, изрекување на предвидените затворски казни за насилниците, како и воведување на систем за собирање и објавување на податоци за случаите на семејно насилство.

Ова, посочуваат од здружението, дотолку повеќе што вонредната состојба и мерките за ограничено движење на населението го зголемија ризикот од семејно насилство и уште повеќе придонесоа за отежната комуникација помеѓу жртвите и институциите кои се должни да обезбедат заштита.

„Затоа бараме од државата да преземе мерки за надминување на наведените системски проблеми и да го адаптира постапувањето на институциите во услови на криза и вонредна состојба. Сметаме дека првиот чекор кој треба да го презеде државата, наспроти декларативните заложби и ветувања, е да ја зголеми самокритичноста во врска со системските недостатоци во справувањето со семејното насилство; семејното насилство да го стави како приоритет на политичката агенда; и да обезбеди буџетски средства за преземање на суштински чекори во сите приоритетни области, како што се превенција, заштита, кривично гонење на насилството, координација помеѓу институциите“, се вели во соопштението од ЕССЕ.

реклама

Македонија

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг

Read more

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Read more

Силјановска Давкова: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Read more

Одзивот до 19 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Read more
 

Вести

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг

Читај повеќе

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Читај повеќе

Силјановска Давкова: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Читај повеќе

Одзивот до 19 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Читај повеќе

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Читај повеќе

Левица: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Читај повеќе

Европски фронт: Очекуваме голема, историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен

Читај повеќе

Две лица од Скопје го искинале гласачкото ливче, неколкумина го фотографирале

Читај повеќе
  • filter

Максим Димитриевски: Народот одлучува за иднината на Македонија

Читај повеќе