Фудбал

Гоце Седлоски се враќа во Вардар

23. јули 2019 - 9:57 | А.С.

Гоце Седлоски веќе не е тренер на Широки Бријег откако клубот во првото коло доживеа пораз од Челик со резултат од 1:0.

Седлоски заминува од клупата на Широки Бријег по само три натпревари во новата сезона во кои не успеа да оствари ниту една победа. Во европски рамки, Широки Бријег го заврши настапот во Европската лига каде испадна од Каират Алмати по два порази од 2:1.

Седлоски дојде во клубот од БиХ минатата сезона по поразот од Железничар (3:0), а по неговото доаѓање во осмото коло успеа максимално да ја разбуди екипата и на крај да се избори за пласман во Европската лига.

Порталот Екипа објави дека следен потег на Седлоски е враќање во Вардар, на местото на досегашниот спортски директор Дарко Панчев кој, де-факто, од поодамна нема никаква улога меѓу „црвено-црните“.

„Новата функција на Седлоски како спортски менаџер ќе биде, во суштина, во мирување цела една година се до јуни 2020 година. Гоце Седлоски и при првото доаѓање во Вардар во јануари 2015 година пристигна на функцијата спортски директор, а потоа по само шест месеци седна на тренерската клупа на местото на Сергеј Андреев“, потсетува Екипа.

Коментирај