Филм & ТВ
Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ја објавува својата соработка на филмот Годзила

Годзила ветува достојно враќање на Кралот

15. мај 2019 - 13:47 |

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновото издание на 65 годишната франшиза за познатото чудовиште Годзила, кое ќе можеме да го погледнеме на 30 мај во киното Cineplexx.

Франшизата за најпознатото јапонско чудовиште кое за прв пат се појави на екраните во 1954 година, овојпат според сценарио и режија на Мајкл Доерти, најавува достојно претставување на креацијата на Томојуки Танака и универзумот на Тохо кои Годзила, Родан, Мотра и Гидора ги сметаат за божества. Танака го создал Годзила како израз на теророт кој Јапонците го чувствувале по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби. Според изјавата на Танака, Годзила е одмазда на природата против злосторствата на човештвото. Не е изненадувачки што најновото продолжение во рацете на режисер кој е популарен за хорори е оценето дека не е за деца под 13 години заради реалистичните сцени на насилство.

Според Кристијан Даниловски, ко-основач на ФХ3Х ова е триесет и треттиот филм во франшизата.

„Во претходните делови критиките беа насочени кон премалку борби меѓу чудовиштата, но овојпат со седумнаесет каиџу креатури, тоа ќе го има доволно. Сите кои сме фанови на оваа франшиза знаеме дека овие филмови всушност имаат многу силна порака врзана за животната средина и суштината која се провлекува е дека доколку не ја почитуваме, природата ќе не надвладее на свој начин. Фасцинантно е да се разгледа развојот на франшизата од една толку силна идеја во педесеттите години, до покривање на разни социополитички прашања низ сите 65 на филмска продукција до денес, со огромна популарност и со огромен успех и проширување кое секако ќе кулминира во најавената битка на Годзила и Кинг Конг во март 2020 година. Овојпат останува да ја откриеме заедно пораката скриена во филмот која се пренесува со децении преку постоењето на Годзила и да уживаме во мајсторството кое што според критичарите е оценето како „најдобрата американска изведба на Годзила, до денес, а на кое ние учествувавме со тим од 80 артисти, на околу 200 кадри, во периодот од април до август минатата година“ изјави Даниловски.

Новости во ФХ3Х

Заради сопствени потреби на кадар со очекуван висок квалитет во работата, ФХ3Х отвора свое школо за визуелни ефекти со содржини дизајнирани според последните барања и очекувања на светскиот пазар. Според Миливоје Ѓорѓевиќ, ко-основач на ФХ3Х, динамиката со која се зголемуваат критериумите за квалитет од студијата за визуелни ефекти бара од нас постудиозен пристап во креирањето на елитен кадар.

„Визуелните ефекти повеќе не се спектакл туку хибридна технологија во која виртуелното и реалното треба идеално да се претопат едно во друго до степен да не можат да се разграничат со голо око. Кога ќе ги погледнете само филмовите на кои работевме во последно време, ќе ја забележите разликата за која зборувам, денес зборуваме за Годзила, претходно работевме на Шазам, Авенџерс: Војна на бесконечноста, Аквамен, Црниот Пантер, Венум, Предатор, Конг, Војна на звездите:последниот џедај, сериите Стар Трек, Американски Богови, Чувари (Watchmen), самите ќе забележите дека има се повеќе ефекти, со се поголем квалитет. Тоа бара постојано учење на нови технологии, техники, вештини и решивме дека е време повторно да го направиме тоа самите, како што го правевме со над 1000 средношколци во 2003 година, кога всушност го формиравме кадарот за оваа индустрија во Македонија. Овојпат тоа ќе го правиме во мали групи од 15 артисти, во неколку нивоа со строга селекција, под насоки на нашите најдобри супервизори кои ни го одржуваат Оскаровскиот квалитет веќе 20 години. Сите заинтересирани можат да се обратат на: fxnest@fx3x.com, од каде ќе почнеме со комуникација и селекција на кандидатите за првата група која ќе почне со работа од 15 јуни“, изјави Ѓорѓевиќ.

Коментирај