Австралискиот тенисер Ник Кирјос победи на турнирот Сити опен во Вашингтон, а специјална честитка му упати српскиот ас Новак Ѓоковиќ, кој му даде и хумористичен предлог како да стигне до Грен слем титулата.

Кирјос одигра одличен турнир, особено во сегментот на неговиот сервис каде противниците не направија ниту еден брејк, а интересно е што ова е вторпат да го освои споменатиот турнир.
„Вашингтон, каква недела“, објави Кирјос на својот Instagram профил заедно со серија фотографии од турнирот.
Меѓу многуте кои реагираа и му ја честитаа титулата на Австралиецот беше и Новак Ѓоковиќ, кој најде и начин да му каже како да отиде „чекор понатаму“.
„Честитки, човеку! Каква недела... Само уште да додадеш капуера во твојот тренинг и ќе освоиш Грен слем“, напиша Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ алудираше на неодамнешната порака на Кирјос дека никогаш нема да освои Грен слем титула во кариерата доколку за тоа е потребно да ја совлада оваа вештина.