
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Мајами каде се пласираше во четвртфиналето на големиот турнир на кој ќе игра против локалниот тенисер Себастијан Корда. Шпанскиот медиум Marbella 24 Horas објави дека Ѓоковиќ е казнет за дивоградба.
Станува збор за неговата вила во познатото шпанско ексклузивно одморалиште Марбеља. Градскиот совет против Ѓоковиќ води судски спор од февруари минатата година. Минатата година му беше наложено во рок од два месеци да ги отстрани неправилностите. Не го направил тоа, па летово е казнет со 5 илјади евра, а со оглед на тоа што сè уште не го решил проблемот, добил уште 5 илјади евра казна.
Според проценките, неговата вила, која се наоѓа многу блиску до центарот на Марбеља, вреди над 10 милиони евра и има девет спални соби и осум бањи. Има и спа центар, базен, теретана и тениско игралиште.