Српскиот ас не е сигурен дали ќе може да настапи на Австралија опен.

Најдобриот српски тенисер, Новак Ѓоковиќ, изјави дека не знае дали наредната година ќе може да игра на Австралија опен, и дека може само да се надева за тоа да се случи.
Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Лондон каде од 23 до 25 септември ќе игра на Лејвер купот. На новинарските прашања во врска со неговиот настап во Мелбурн, откако лани не му беше дозволен влез во Австралија бидејќи немаше сертификат за вакцинација против COVID-19, Србинот беше реален.
„Само можам да се надевам, тоа е сѐ што можам да кажам. Таа одлука не е во мои раце“, рече Ѓоковиќ, кој лани беше депортиран од Австралија.
Еден од најдобрите тенисери во светот, Швајцарецот Роџер Федерер, на турнирот во Лондон ќе го одигра својот последен натпревар во кариерата.
„Секогаш ќе постои дебатата за тоа кој е најдобар на сите времиња, тоа го оставам на другите да пресудат. Но, неговото влијание на играта беше огромно. Начинот на кој играше, без напор, совршено за очите на тениските тренери, играчи или самите љубители на тенисот. Остави огромно наследство кое ќе живее многу долго. Тој е еден од најдобрите спортисти кои се појавиле, во било кој спорт. А, неговата популарност на теренот и надвор од него говори сама по себе“, заврши тој, пренесува Eurosport.
Австралија опен секоја сезона традиционално е првиот од четирите грен слем турнири, а наредното издание во 2023 година ќе се одржи од 16 до 29 јануари. Бранител на тронот е Рафаел Надал.