Првиот фаворит и бранител на титулата на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, за првпат гласно се побуни против забраната за настап на последниот Грен слем турнир од сезоната на УС Опен.
Како што беше случај на почетокот на сезоната на Австралија Опен, Ѓоковиќ нема да има право да настапи ниту на УС Опен бидејќи не е вакциниран против коронавирус.
Српскиот тенисер за тоа првпат јавно проговори на прес-конференција на Вимблдон, каде стигна до второто коло и каде цели да ја одбрани титулата, што би бил седми трофеј во неговата кариера на најголемиот тениски турнир.
Ѓоковиќ се консултирал со Тенис Сандгрен, американски тенисер кој исто така не е вакциниран, но ќе има право да настапи на УС Опен бидејќи е американски државјанин. Српскиот тенисер вели дека тука не гледа медицинска логика.
„Пред неколку дена се допишував со Сандгрен и му се заблагодарив за поддршката што ми ја даде во јавноста во оваа ситуација. Тој кажа работи кои се сосема логични. Ако на невакцинираните играчи им е забрането да учествуваат на тој турнир, тогаш правилото треба да важи за сите“, изјави Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер, кој моментално е трет на АТП листата, вели дека во одлуката може да има политика.
„Не гледам медицинска логика дека може да игра затоа што е државјанин на САД, иако не е вакциниран, а мене ми е ускратено тоа право. Ако имав американски ‘зелен картон’ или пасош, ќе можев да играм. Ако тука има политичка логика, не би навлегувал во тоа. Знаете и зошто не сакам да зборувам за тоа“, додаде српскиот тенисер.
Ѓоковиќ денеска се соочува со уште една „пречка“ на Вимблдон, а мечот против Танаси Кокинакис е закажан на централниот терен по 14:30 часот.