Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ (1. АТП) стигна до своето прво Мастерс финале оваа сезона и 1.000 победи во кариерата откако го совлада Каспер Руд (10. АТП) во Рим со 2:0 (6-4, 6-3).
Ѓоковиќ за титулата шампион во главниот град на Италија ќе се бори против Гркот Стефанос Циципас (5. АТП), а овој натпревар се игра денеска од 16 часот.
Новак синоќа беше во свој елемент и од почетокот го згази Руд и брзо поведе со 5:1.
Норвежанецот потоа се разбуди, односно го потресе алармот за пожар, кој се вклучи и го прекина натпреварот на неколку минути. Потоа успеа да ја намали предноста, но не и да избегне да го загуби сетот.
Вториот сет траеше пократко од првиот, а беше решен во седмиот гем кога Новак освои брејк. Српскиот тенисер до крајот само го контролираше својот сервис и со уште еден брејк се пласираше во финалето на турнирот.
Претходно Стефанос Циципас со 2:1 (4-6, 6-3, 6-3) го совлада Александер Зверев за пласман во финалето.
На Ѓоковиќ сега му следува уште еден ден за историја кој може да биде одлична најава за претстојниот Ролан Гарос.