Фудбал

Голем егзодус од Милан: Кои играчи ќе си заминат?

18. мај 2018 - 11:26 | М.Д.

После прилично турбулентната сезона, но и изборениот пласман во Европа лигата, Милан во недела ќе го затвори првенството на „Сан Сиро“ со натпревар против Фиорентина. Kако што тврдат италијанските медиуми, тоа ќе биде последен натпревар за неколку играчи на „Росонерите“, а поединечни извори тврдат дека прв ќе си замине хрватскиот напаѓач Никола Калиниќ.

Имено, во Милан се подготвува голем егзодус и ново реконструирање на тимот.

Збогување со ѕвездите и ветераните

Како што пишува „Sky Sports“, дури седум фудбалери ќе се разделат од Милан после последниот натпревар во италијанското првенство. Трибините на „Сан Сиро“ со овации ќе се поздрават од Џанлуиџи Донарума, Игнацио Абате, Рикардо Монтоливо, Кристијан Запата, Лука Антонели, Сусо и Никола Калиниќ.

Раководството на Милан, дел поради подмладување на тимот, дел поради растеретување на клупскиот буџет, најави значајни промени во екипата.

Ако Милан успее да ги продаде сите споменати играчи според сегашните цени на трансфер пазарот, во тој случај седумкратниот европски првак би можел да заработи околу 105 милиони евра.

Најголема заработка се очекува од продажбата на Донарума и Сусо

Милан се надева дека од продажбата на одличниот 19-годишен голман Донарума, за кој веќе ПСЖ пројави интерес, како и со продавањето на 24-годишниот Сусо, ќе заработи нешто повеќе од 80 милиони евра.

Од друга страна Милан се надева дека ќе успее да заработи и од 15 до 20 милиони евра на Никола Калиниќ, кој пристигна од Фиорентина кон крајот на август 2017 година.

Последните неколку недели се споменува дека тој би можел да заврши во Кина.

Како и да е пред Милан е уште едно бурно лето, а навивачите се надеваат дека Милан конечно ќе создаде тим кој би бил конкурентен да се бори за место во Лигата на шампионите.

Коментирај