Во експлозијата на пејџери на неколку локации во Бејрут, повредени се повеќе од две илјади луѓе, меѓу кои и иранскиот амбасадор во Либан, Мојтаба Амани.
Најмалку 8 лица загинаа, а 2.750 се повредени денеска во експлозии на пејџери кои се користат за комуникација низ Либан, изјави за Reuters извор од безбедносните сили. Официјален претставник на Хезболах, кој сакаше да остане анонимен, рече дека детонациите на пејџер се „најголемото нарушување на безбедноста“ што Хезболах го доживеа во речиси едногодишната војна со Израел.
Локалните жители велат дека последната експлозија се случила 30 минути по првата, додека некои од нив се обидувале да откријат дали меѓу повредените има и членови на нивните семејства. Бранот на експлозии траел околу еден час по првите детонации. Засега не е јасно како се активирале уредите.
Експлозиите се случија во време на засилено насилство меѓу Израел и Хезболах, кои војуваат преку границата од избувнувањето на војната во Газа минатиот октомври, во најлошата ваква ескалација во последните години. Израелската војска не одговори на барањата на Reuters за коментар. Хезболах првично се воздржуваше да го обвини Израел дека стои зад нападот. Но, сега тие ја обвинија земјата дека е одговорна и рекоа дека ќе добие „праведна казна“.