Магнетот за повреди повторно немаше среќа откако го повреди стапалото и нема да може да настапи на претстојното Европско првенство.
Бранителот на тронот на Стариот континент, репрезентацијата на Италија, на претстојното ЕУРО 2024 ќе биде без офанзивниот играч од средниот ред Николò Ѕаниоло поради повреда на стапалото со која се здоби во натпреварот од претпоследното коло во Премиер лигата во понеделникот, кога неговата Астон Вила одигра 3:3 со Ливерпул.
Ѕаниоло, кој сезонава игра во клубот од Бирмингем како позајмен од Галатасарај, завчера во игра влезе 65. минута за само 14 минути подоцна да мора да биде заменет.
Дополнителните прегледи покажаа дека станува збор за сериозна повреда поради која Италијанецот најмалку месец дека ќе биде надвор од зелените терени.
24-годишниот Ѕаниоло навистина неам среќа со европските првенства откако и претходното го пропушти поради повреда. Тогаш проблем беа лигаментите на коленото, а неговите соиграчи успеаја да го освојат пехарот без него во тимот.
Во јули ќе полни 25 години, а за Италија иако дебитираше во март 2019 досега има само 19 настапи. Цела кариера го пратат тешки повреди и сѐ уште нема настап на голем турнир.
Италија на ЕУРО 2024 во Германија е во групата Б заедно со Шпанија, Хрватска и Албанија.