Авто новости

Големото промашување на Mercedes: X-Class згаснува по брза постапка

17. јули 2019 - 20:54 | А.С.

Mercedes-Benz направи сѐ што беше потребно за да успее како модел, но за X-Class едноставно немаше место во светот на автомобилите.

Иако доби позитивни критики кога дебитираше, има одличен V6 погон и се разгледуваа V8 варијанти и прдолжена верзија, X-Class сепак ќе престане да се произведува.

Според Automotive News, причината е едноставна – слаба побарувачка. А Mercedes-Benz по кратка постапка загснува сѐ што не носи заработка и создава дополнителни трошоци.

Така, една од жртвите на намалувањето трошоци станува X-Class што се продаде само во 16.700 примероци во Европа, Австралија и Јужна Африка минатата година.

Тоа е далеку од очекувањата – не остварува доволно приходи за да се оправда понатамошно производство.

Освен тоа, на оваа одлука сигурно влијаеше и несигурната околина, односно неизвесноста околу продолжувањето на соработката на групацијата Daimler со алијансата Renault-Nissan, што одигра голема улога во создавањето на X-Class.

Првиот и најверојатно единствен камионет на Mercedes всушност беше благо изменета Nissan Navara со популарното лого на германскиот автомобилски гигант.

X-Class, која се произведуваше во Барселона, не успеа да ги оствари зацртаните планови пред сѐ поради високата цена. Во Германија овој луксузен камионет се продаваше за околу 37.000 евра, а со V6 мотор речиси 49.000 евра.

Колку за споредба, најпопуларниот пикап на светот, славниот Ford F-150 во Platinum серија има слична цена.

Покрај цената, проблем беа и фабричките дефекти поради кои Mercedes-Benz имаше неколку повлекувања на возила.

Очигледно е дека Mercedes во иднина ќе се држи до она во кое е најдобар: луксузни лимузини, SUV возила и спортски модели.

Коментирај