Фернандо Гонзалес, некогашниот 5. тенисер во светот, смета дека Новак Ѓоковиќ на крајот ќе има најмногу Грен слем титули.

Чилеанецот, кој во кариерата освои три титули и играше во финалето на Австралија Опен во 2007 година, верува дека светскиот рекет број 1 има предност над Надал и Федерер.
„Пред 10 години, идејата дека некој може да освои 10 Грен слем титули беше неверојатна, а сега имаме тројца со 20 и тоа е одлично“, рече Чилеанецот за Tennis 365.
Тој е фасциниран како Новак руши рекорди во последните сезони.
„Сигурен сум дека Новак ќе има најмногу слемови, можеби и најдобра статистика, но јас имам и други фактори кои одредуваат кој е најдобар. Новак ги руши сите рекорди и тоа ќе го прави и во наредните години“, уверен е Гонзалес.
И покрај тоа, тој вели дека неговиот омилен играч е Роџер Федерер.
„Јас повеќе го сакам Роџер. Неговиот бекхенд, сервис и стил се класици. Кога го гледате Новак делува дека никогаш нема да промаши, Рафа трча насекаде, иако сè го боли, така што многу е тешко да се каже кој е најдобар“, заклучи Гонзалес.