Одделот во „Google“ кој е задолжен за вештачка интелигенција, „DeepMind“, промовираше нова технологија која е способна да учи самата, без човечка помош.
Програмата со вештачка интелигенција е наречена AlphaGo Zero, и нејзината задача беше да ги научи потезите на старата кинеска игра Go.
AlphaGo Zero успеа да совлада илјадници години човечко знаење за друштвената игра во само три дена, пред да почне да измислува нови потези. Ова е само подобрување на истата програма која пред две години успеа да го победи јужнокорејскиот велемајстор Ли Седол.
Во мечот помеѓу новата верзија и онаа од 2015 година, AlphaGo Zero успеа да победи 100 спрема 0.
Огромниот напредок, според „Google“, е во тоа што AlphaGo Zero успеала сама да ја совлада играта, без човечка помош. Сите останати претходни верзии најпрвин играле илјадници партии против човечки противници за да ги научат потезите, и потоа да можат да ги копираат.
„AlphaGo Zero е далеку помоќна од било која друга вештачка интелигенција, бидејќи во овој експеримент е одземен човечкиот фактор, а програмата сепак ги научи правилата на играта, па дури и измисли нови потези. Тоа значи дека е способна да учи самата, без никаква помош“, изјави Дејвид Силвер, одговорниот за проектот.
Програмата ги научи потезите на играта на истиот начин како што луѓето учат да возат велосипед, преку систем на исправни и погрешни потези. Доколку AlphaGo Zero направеше серија од добри потези, таа ќе беше наградена со победа во партијата, и обратно, доколку направеше серија од лоши потези, таа ќе ја изгубеше партијата.