Интернет

Google знае повеќе за вас од Facebook

25. април 2018 - 12:32 | К.З.

Facebook знае премногу за сите нас, но таа не е единствената компанија која собира приватни податоци. Google знае исто толку за нас, ако не и повеќе, и тоа треба да ве загрижува.

Кога се работи за базичните приватни информации, двете компании чуваат подеднаков број податоци. Facebook и Google знаат колку години имате, каде живеете, кои луѓе се во вашиот најблизок круг и што работите.

Ако сакате да избегате од ваквото „шпионирање“ на Google и Facebook, однапред ќе ве предупредиме дека тоа не е можно, бидејќи буквално секоја алатка и апликација која ја користите има контакт со Google или Facebook. Од Facebook дури и признаа дека користат „профили од сенка“ кои се базирани на луѓето кои не ја користат нивната социјална мрежа.

Големата предност на Google – Android и Google Maps

Ако користите смартфон со Android оперативен систем, тогаш сите ваши повици и пораки се во допир со Google. Засега не е познато дали Google ги чува овие податоци некаде, но знаеме дека во некои случаи тие дозволуваат пристап до нив, што значи дека веројатноста е голема тие да се складирани во некаква архива. Кога се работи за Facebook, оваа компанија го користеше истиот метод на собирање информации преку апликацијата Messenger.

Едно поле во кое Google има голема предност пред Facebook е одредувањето на локацијата на корисниците. Благодарение на полуларноста на Google Maps, оваа компанија има детален преглед за тоа кој каде бил, каде оди и така полесно го гео-таргетира огласувањето на реклами. Можете да си ја проверите историјата на патување тука, или можете да стиснете на „Manage Location History“ во десниот долен агол за да ја исклучите оваа опција.

Доминацијата на Google во полето на пребарување и видео (YouTube) ѝ дава на оваа компанија многу повеќе простор за собирање на информации. Целата историја на пребарување на YouTube можете да ја дознаете со клик тука.

Двете компании (Google и Facebook) имаат прилично опширен список со податоци базиран на настаните кои ги имате креирано или посетувано, а тоа го дознаваат преку Google Calendar и Facebook Events.

Коментирај