Фудбал

Говорот на Далиќ кој донесе пресврт: Што им кажа на играчите додека губеа?

12. јули 2018 - 12:16 | М.Д.

Пред само 10 месеци хрватската репрезентација беше на дно, без игра, селектор и без поени за пласман на Светското првенство. Златко Далиќ ја презема уништената селекција,  воочи тешкото гостување во Киев. Победата беше единствената опција. Од таа вечер, Далиќ се уште нема изгубено на важен натпревар. На СП во Русија, доведе состав кој едноставно не знае што е тоа пораз.

Хрватска сега е во големото финале, а Далиќ не знае каде би ги сместил сите емоции кои го собираше на тој пат. Три пати губеа во натпреварите од нокаут фазата, три пати играа продолженија, а два пати одлучуваа пеналите.

Во полуфиналето на СП, Хрватска доцнеше еден час, а потоа ги прегази Англичаните. Се чинеше дека играчите на Гордиот Албион исчезнаа од теренот во второто полувреме, но всушност тогаш Хрватска се појави на натпреварот.

Кога Иван Перишиќ изедначи, едноставно Хрватите знаеја дека можат да направат уште еден голем пресврт. Голот на Манџукиќ во продолженијата, како и оној спринт на Лука Модриќ во 116 минута против Русија, зборуваат како и зошто победува составот на Далиќ.

Далиќ крајот го дочека лежејќи на теренот со своите играчи. Хрватска влезе во големото финале, а првите реакции на селекторот беа смирени. Тој изрази благодарност до играчите, навивачите и најави борба до крај.

„Се уште не сме златни, но чувството е фантастично. Благодарност до сите кои дојдоа во Русија да навиваат за нас, благодарност и до нашите навивачи во татковината. Светот се уште не е свесен што направи малата Хрватска“, изјави тој за новинарите.

„Господ се гледа и се следи. Јас не знам што е ова, но никој од моите играчи не сака да излезе надвор. Никој не е уморен, никој не е повреден. Јас ги туркав на почетокот, кога ја преземав репрезентацијата, а сега тие ме туркаат мене. Во финале сме, ова е историја, ова е сензација. Англичаните? Па, разбирам дека тие сакаат да зборуваме англиски јазик на прес конференциите, но ние им покажавме на Англичаните која е Хрватска, со целата должна почит. Им покажавме колку сме храбри и верни“, изјави Далиќ.

Како Хрватска го сврте овој натпревар?

„Им кажав на играчите дека сме подобри и дека не смееме да ја губиме главата. Им кажав дека ќе победиме, но дека мораме да ја спуштиме топката на земја. Нема ништо од долги топки и центаршути, кога ќе ја кренат топката во воздух, веднаш би биле во проблеми. Во второто продолжение размислував што ако има пенали, се тешев, трета среќа, можеби ќе поминеме пак. Момците го дадоа својот максимум. Знам дека во Хрватска е лудница, мило ми е поради тоа. Култот на репрезентацијата се загуби, имаше многу негативности, но луѓето се вратија во репрезентацијата. Мораме да бидеме заедно, како и да заврши ова финале, овие момци се херои“, изјави Далиќ.

Коментирај