Македонија

Град Скопје: Пријавете во полиција ако видите фрлање отров

9. април 2017 - 10:18 | Макфакс

Градот Скопје во вчерашното соопштение најостро ја осудува постапката на одредени, како што пишуваат, неодговорни поединци или групи кои фрлаат на отров и отровни материи за да ги отрујат бездомните животни.

„Оваа постапка е крајно неодговорна и претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно истото претставува и кривично дело. Градот Скопје остро го осудува ваквото поведение на некои несовесни граѓани и уште еднаш апелираме, доколку се забележи ваков случај, веднаш да се пријави во полиција“ се наведува во соопштението.

За денес пак, група на граѓани загрижени поради масовното растурање на опасни материи и отрови и труење на животните низ цела Македонија повикува на протест во 12 часот пред “Воинот на коњ” на плоштад Македонија, за да побараат заедно права и заштита за животните. Тие наведуваат и дека е потребно итно регулирање и строга контрола на продажбата на отрови во земјоделските аптеки.

Денес на пладне на плоштадот „Македонија“, Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ и група граѓани организираат протестен марш за итно регулирање на продажбата на отрови.

Граѓанските активисти за заштита на животните велат дека во последно време е зачестена појавата на фрлање отрови за труење на животни.

„Медиумите треба да направат поголема кампања и почесто да предупредуваат на опасностите од фрлањето отров, не само за милениците и бездомните животни, туку и за децата и бездомниците“, апелираат активистите.

Во Македонија продажбата на отрови од прва категорија не е ограничена со поседување лиценца, а продажбата не се евидентира. Целта на протестот е промена на регулативата.

Граѓаните кои ќе забележат дека некаде има фрлено отров, треба да се јават во полициска станица, на телефонскиот број 192.

Коментирај