Регион

Граѓаните го опколија и бараат оставка, а Вучиќ игра шах

17. март 2019 - 15:37 | А.С.

На Twitter профилот на српскиот претседател Александар Вучиќ е објавена фотографија од него како игра шах со министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во зградата на Претседателството на Србија.

Тоа немаше да биде толку невообичаено, ако пред зградата немаше илјадници граѓани кои протестираат и бараат промени, пред сѐ фер третман на јавниот сервис РТС, како и оставка од Вучиќ.

„Во Претседателството на Србија краток одмор од попладневните активности. Србија секогаш ги победува насилниците со храброст и чесност“, напиша Вучиќ во објавата на фотографијата на која се гледа како тој се разонодува додека е опкружен со демонстранти.

Претходно министерот Стефановиќ на неговиот профил на Twitter остро го осуди физичкиот напад на лидерот на Сојузот за Србија Драган Ѓилас, Бошко Обрадовиќ и нивните следбеници врз припадниците на Министерството за внатрешни работи.

„Скандалозно и недозволиво е тоа што Ѓилас и Обрадовиќ се обидуваат својата политика да ја спроведат со физички напади на полициски службеници“, напиша Стафеновиќ.

Во меѓувреме, Прекршочен суд во Белград денеска осуди на затворска казна од 30 дена едно 19-годишно момче за кршење на Законот за јавен ред и мир во врска со упадот синоќа во зградата на РТС.

Милан Мариновиќ, претседател на Прекршочниот суд, изјави за Танјуг дека момчето било осудено по итна постапка заради прекршок – „дрско и безобразно однесување извршено во група“.

Тој ќе биде испратен веднаш во затвор за извршување на казната бидејќи жалбата на таа одлука не го одложува извршувањето, но, секако, има право да се жали, додаде Мариновиќ.

Тој истакна дека во Прекршочниот суд има уште четири лица и дека до крајот на денот судот треба да донесе одлуки за нивните предмети.

Коментирај