„Ова што го прави специјалното јавно обвинителство е незаконски. Нивниот мандат е изминат и овие предистражни постапки се малтретирање на граѓаните. Но за да не излезе дека одбегнувам да дојдам, дојдов и одговорив на некои прашања“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по двочасовниот распит во СЈО.
Според него, тој бил повикан во СЈО за да се дефокусира јавноста од реалните проблеми.
„Мислам дека ова го прават за да сум тука и за да давам изјава пред вас и наместо да се зборува за промена на името што го договара Заев, за непокачување на платите на лекарите, за зголемување на просечната плата, за скандалозниот договор со Бугарија, да се зборува дека јас сум бил во СЈО“, рече Груевски.
Тој рече тој постојано работел согласно законите.
Груевски не откри за што бил повикан во СЈО, затоа што станува збор за предистражна постапка. На новинарско прашање дали се работи за криминал поврзан со увоз на струја, Груевски кусо одговори дека не станува збор за тоа.