Македонија

Груевски: Не сум нарачал шамари, ме судат за неколку скршени прозорци

7. декември 2017 - 14:04 | Макфакс

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска на судењето за случајот „Насилство во Центар“ изјави дека е на мета на политичките противници и дека ова судење не е праведно.

„Денеска уште еднаш имавме судење од политички прогон. Одиме на судење поради протест каде се скршени неколку прозори. Ние имавме ситуации од „Шарената револуција“ каде ја запали канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов во станбена зграда. Жерновски е политички противник и ова е политичко судење, рече поранешниот премиер Никола Груевски на судењето на насилствата во Центар.

На прашањето дека во снимките има нарачка на шамари, Груевски рече дека ниту нарачал, ниту имало такво нешто. Тој вели дека „што направил е детално опишано во обвинителниот акт“. „Обвинети сме за протест каде имало неколку скршени прозори“.

„Позитивно е што одиме со изведување на доказите, а нареден пат одиме со вкрстени испрашување. Однесувањето на адвокатите кои ја одлговлекуваат постапката ќе го оценува судот. Нашите аргументи за неприфаќање на предметот ги образложивме во жалбата“, рече специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.

Груевски е обвинет за насилство каде е предвидена казна од 3 месеци до 5 години.

На претходните рочишта вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот, Јордан Ристевски. Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова. Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во 2013 година.

Коментирај