Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски демантираше дека ќе ја отстапи својата позиција и дека размислува за свој наследник.
Додека одеше на средба со неколку градоначалници од редовите на владејачката партија во порта „Македонија“, Груевски на новинарските прашања дали се подготвува да ја отстапи лидерската партиска позиција, дали се бира нов претсетадел и дали ќе застане да даде изјава, трипати одговори со „Не“.
Во јавноста, по назначувањето на Никола Тодоров и Никола Попоски за нови вицепремиери, се шпекулира дека еден од нив би можел да го наследи Груевски на челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, но дека „водите му ги мати“, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој не многу помпезно, но сепак се зближувал со членството на терен.
Пред половина година Груевски се повлече од премиерската функција, како дел од договорот од Пржино, а нов премиер стана Емил Димитриев, кој најпрвин требаше да гарантира фер и демократски избори, а по одложувањето на изборите продолжи на функцијата регуларно.
Сепак, и покрај повлекувањето од премиерската функција, опозицијата и натаму критикува дека токму Груевски продолжува да ги влече клучните потези во Владата.
Во попладневните часови, во резиденцијата на Европската унија се одржува средба на претставници на четирите партии потписнички на договорот од Пржино, каде се договараат начините за прочистување на избирачкиот список, а се бара и решение за намалување на притисокот на власта во медиумите, нешто на што предупредува опозицијата подолго време.
Деновиве интензивно се водат вакви преговори, но нема некој конкретен напредок, ниту најава за лидерска средба на која би се дефинирале решенијата за излез од предолгата политичка криза.
За да се придвижат работите, изминатите месеци повеќепати во Македонија доаѓаа еврокомесарот Јоханес Хан, потоа германскиот претставник Јоханес Хајндл, а во куса посета беше и помошникот државен секретар од САД, Викторија Нуланд, која одделно се сретна со лидерите на четирите партии, како и со претставници на граѓанскиот сектор и новинарите, по кои побара брза разврска на политичката криза и јасна насока за одржување на слободни и фер избори.