Кошарка

ГС падна во Вашингтон, Вестбрук ја растури Јута, Јокиќ блескаше во Чикаго

1. март 2017 - 11:32 | Макфакс

Поразот на Голден Стејт во Вашингтон, надреалната партија Расел Вестбрук против Јута и трипл дабл учинокот на Никола Јокиќ во Чикаго ги обележаа натреварите во НБА лигата одиграни синоќа.

Вашингтон одигра добра прва четвртина, а потоа и мирен финиш и успеа да го победи Голден Стејт 112:108. Бредли Бил го предводеше Вашингтон со 25 поени, Бојан Богдановиќ постигна 16 кошеви, а Џон Вол забележа 12 поени и 19 асистеции.

Стеф Кари беше најефикасен кај Голден Стејт со 25 поени, но повторно имаше лоша шутерска вечер, погоди девет од 20-те обиди (2/9 за три).

Инаку, Голден Стејт овој меч го одигра без Кевин Дурент, кој по две минути игра се повреди и не се врати на теренот.

Расел Вестбрук одигра уште еден неверојатен меч и со 43 поени, 11 скокови и 10 асистенции ја предводеше Оклахома до победата 109:106 над Јута. Овој трипл дабл беше 30-ти оваа сезона за Вестбрук.

Трипл дабл и тоа трет во кариерата забележа младиот српски центар Никола Јокиќ. Тој во победата на Денвер во Чикаго 125:107, забележа 19 поени, 16 скокови и 10 асистенции. Јокиќ е првиот кошаркар на Денвер уште од легендарниот Дикембе Мутомбо кој забележал најмалку три трипл дабл учиноци во една сезона.

Мајк Конли и Марк Гасол искомбинираа 57 поени во победата на Мемфис над Феникс 130:112.

Детроит предводен од Маркус Морис, кој постигна 37 поени, по едно продолжение го совлада Портланд 120:113.

Лејкерси загубија од Шарлот 104:109 во чии редови Кемба Вокер постигна 30, а Френк Камински 24 поени.

Коментирај