Филм & ТВ

Гудал: Не може Анџелина Џоли да ме игра мене како 23-годишна Џејн

14. ноември 2017 - 14:34 | А.С.

Џејн Гудал израснала во Велика Британија за време на Втората светска војна и сонувала за нејзината светла иднина. Тогаш возрасните ја предупредувале дека нејзините соништа се само фантазија: нереални и недостижни.

„Ја читав книгата за Тарзан и се заљубив иако се ожени со погрешната Џејн“, се шегува таа.

„Сакав да живеам со дивите животни и да пишувам книги за нив, а луѓето ми велеа: ‘Како можеш ти да го направиш тоа? Африка е далеку, не знаеме многу за неа. Немаш пари. Ти си само една мала девојка.“

Сега има 83 години и е најпознатиот британски приматолог во светот. Патува насекаде низ светот и никаде не се задржува подолго од неколку недели. Нејзините предавања за тоа што научила во текот на петте децении проучување на шимпанзата во Танзанија, се распродадени месеци однапред.

Анџелина Џоли, Колин Фирт и Џад Апатоу се нејзини огромни обожаватели, а во нејзина чест Мајкл Џексон ја напиша песната „Heal The World“.

Иако Гудал само сака да си ја работи работата и да ја подигнува свеста за климатските промени, нејзиниот внимателно испланиран распоред беше пореметен со документарецот „Jane“ за нејзиниот живот.

Дури звучи изиритирано кога кажува дека морала да направи пауза во нејзиниот активизам за да отпатува на холивудската премиера на документарецот во режија на Брет Морген.

„Одлично си ја завршија работата. Чувстсвувам одговорност да ги поддржам луѓето на кои ова им значеше толку многу“, изјави таа.

Нејзиниот пат сепак не бил без препреки. Кога прв пат за неа пишувале британските весници, имало коментари дека се нашла на насловната страница на „National Geographic“ бидејќи „има добри нозе“.

„Сликата за убавицата и ѕверот беше она што им се допадна. Не ми пречеше. Морам да признаам дека дури беше корисно. Сега, кога го гледам филмот, јасно ми е зошто ги коментирале нозете. Не се лоши, нели?“

На коментарот на една новинарка дека би можело во филм да ја игра Анџелина Џоли, Џејн одговори: „Не може. Мора да биде помлада Џејн... Може да направите милион операции, ама од неа нема да направите 23-годишна девојка.“

Џоли сепак се појави, заедно со многу славни личности, на премиерата на документарецот за Џејн Гудал минатиот месец во „Холивуд боул“, што било прв случај во историјата на салата да бидат пополнети сите 17.500 места за документарец.

Коментирај