Најмалку седум луѓе загинаа кога вооружени напаѓачи јуришаа во една од најголемите болници во Гватемала и отворија оган за да ослободат член на нивната банда кој како затвореник бил донесен во болницата на испитувања.
Карлос Сото, директор на болницата „Рузвелт“ во Гватемала Сити, рече дека непознат број напаѓачи јуришале во болницата и почнале да пукаат.
Затвореникот кој бил донесен во болницата за да му бидат направени лабораториски испитувања исчезнал за време на хаосот.
Во пукотниците ранети се 12 луѓе, од кои едно дете кое е во критична состојба.
Полицијата успеала да уапси петмина од напаѓачите кои се членови на злогласената банда Мара Салватруча.
Министерството за внатрешни работи на Гватемала соопшти дека нападот бил изведен за да се ослободи Андерсон Даниел Кабрера Сифуентес за кого се смета дека е водач на еден од ограноците на бандата.