Останати спортови

Хабиб ја одбрани титулата, Мекгрегор веднаш побара реванш

8. септември 2019 - 10:51 | А.С.

Хабиб Нурмагомедов ја одбрани титулата првак на УФЦ во лесна категорија, совладувајќи го Дастин Поарје на синоќешниот меч во Абу Даби.

По две минути борба Хабиб го собори Американецот и беше блиску до крајот, но Поарје некако успеа да ја преживее првата рунда.

Тој во втората рунда тргна агресивно, со неколку моќни удари што го потресоа Нурмагомедов, но Дагестанецот успеа да се одбрани и да ја преземе повторно контролата во октагонот.

Во третата рунда Поарје беше блиску до победа, но Хабиб се извлече во последен момент.

После тоа на Американецот му попушти концентрацијата, Нурмагомедов за кратко време го совлада и на крај со класично гушење ја одбрани титулата.

Хабиб на овој начин ја оствари 12-тата победа во УФЦ и 28-ма во ММА борби во кариерата на исто толку мечеви.

За Поарје ова беше шести пораз во 31 меч во кариерата.

Ирскиот ММА борач Конор Мекгрегор се огласи веднаш по борбата и побара реванш против Дагестанецот и тоа ни помалку, ни повеќе, туку во Москва.

Со оглед на подготвеноста и непобедливоста на Хабиб, секоја следна негова борба се очекува со нетрпение. Иако вистинските фанови на овој спорт сметаат дека Тони Фергусон најмногу заслужил следно да се бори за титулата против Хабиб, можно е поранешниот првак Мекгрегор прв да добие прилика за реванш.

Ирецот преку социјалните мрежи испрати јасна порака дека сака уште еден меч со Нурмагомедов.

„Закажете ми реванш во Москва“, напиша Мекгрегор на Twitter.

Коментирај