Фудбал
КОПА ИТАЛИЈА 2019/20

Хакан го спаси и однесе Милан во полуфинале

29. јануари 2020 - 8:41 | Ф.З.

Милан е вториот полуфиналист во италијанскиот куп откако синоќа по продолженија го елиминираше Торино.

Тимот на Силвио Пиоли има шанса да ја спаси сезоната преку Копа Италија. По тешка битка која траеше 120 минути Милан успеа да го совлада Торино со два гола во продолженијата и да ја продолжи трката по куп трофејот.

По само 12 минути игра Џакомо Бонавентура го отвори резултатот на додавање од Анте Ребиќ. Потоа во 34. минута одличната контра на гостите заврши со израмнување преку Бразилецот Бремер кој го претрча целиот терен за да постигне гол.

На наредниот гол се чекаше до 71. минута, а го постигна повторно Бремер, овој пат со глава носејќи пресврт и водство за „Граната“.

Кога се чинеше дека Торино е во полуфиналето, надеж за Милан врати Хакан Чалханолу во судиското надополнување со удар кој доволно го смени правецот од блокот на Кофи Џиџи за да го измами одличниот Салваторе Сиригу.

Потоа во 106. минута повторно на сцената стапи турскиот репрезентативец кој контрата ја заврши со топовски удар при кој немоќен беше Сиригу. Само две минути подоцна Ибра стави точка заверувајќи го полуфиналето за „Росонерите“.

Милан е на чекор до финале, но за тоа ќе мора да се избори преку двобој со Јувентус. Второто полуфинале ќе биде познато по одигрувањето на натпреварот Интер - Фиорентина (вечер, 20.45), а победникот го чека Наполи.

Коментирај