Приватното јапонско летало Hakuto-R ги направи првите фотографии по лансирањето со ракетата Falcon 9 на компанијата SpaceX.

„Додека се вршеа првите операции во контролниот центар, ја добивме првата фотографија снимена со камерата на сондата. Станува збор за фотографија на Земјата направена 19 часа по одвојувањето од ракетата. Тоа што на фотографијата изгледа како полумесечина всушност е Земјата“, соопштија од приватната компанија ispace.
Ако сè оди според планот, Hakuto-R до Месечината ќе стигне во април и ќе врши „меко“ спуштање на лунарната површина. Потоа ќе испушти мал ровер наречен Rashid, кој припаѓа на вселенската агенција на Обединетите Арапски Емирати.
Со оглед на тоа што станува збор за тест лет, ispace има лесно темпо, а Hakuto-R го следи својот план. Планот на компанијата е да лансира втора мисија на површината на Месечината во 2024 година, а третата ќе биде за НАСА една година подоцна.