Ф1

Хамилтон се чувствува семоќен по неверојатната победа во Унгарија

6. август 2019 - 14:41 | Ф.З.

Британецот чувствува дека е на врвот на својата кариера и нема намера наскоро да се пензионира. Откако извози најдобра прва половина од сите негови сезони завршувајќи со неверојатната победа на унгарското Гран при, петкратниот светски шампион цели кон нова титула.

„Сакам вториот дел од сезоната да биде уште посилен од превиот. Имам 34 години, но имам чувство дека возам најдобро досега“, вели Хамилтон.

Ова му е веќе 13-та сезона, а има уште една година од договорот со Мерцедес на кој му се придружи во 2013 и оттогаш освои четири титули. Уште две титули му фалат за да се израмни со легендарниот Михаел Шумахер кој има 7, а кога станува збор за победи во трки му фалат 10 за да го стигне Германецот. Во пол-позиции веќе го помина Шуми.

„Еден ден ќе мора да престанам, но во моментов се чувствувам фантастично, физички и ментално. Немам намера да престанам во брзо време. Имам уште за победување, уште за остварување заедно во и надвор од болидот.“

„Нашата прва победа беше токму во Унгарија во 2013 и оттогаш сме сѐ посилни и посилни. Најголемиот дел од луѓето сѐ уште се тука откога дојдов во овој тим. Ова патешествие досега беше неверојатно, сега сум возбуден бидејќи сакам да видам што уште можеме да направиме.“

Тимот на Мерцедес доминира сезонава, победија на 10 од дванаесетте трки од кои 8 беа на Хамилтон. Само Ред Бул успеа на двапати да им парира и тоа со победите на Макс Ферстапен во Австрија и Германија. На табелата води Хамилтон со 250 бода пред неговиот колега Валтери Ботас кој има 188, а дури трет е Ферстапен со 181.

„Нормално дека тие осум победи во првиот дел од сезоната се исклучителни. Кога ќе помислам на нив си велам: „Осум од 12, сепак некои недостасуваат. Како ли ни избегаа другите? Како не бевме на ниво тие викенди?“ Сакаме да продолжиме во ист стил, но сѐ уште не сме совршени. Има работи што допрва треба да ги подобриме.“

Вториот дел од сезоната почнува со Белгиското Гран при закажано за 1-ви септември.

Коментирај