Свет

Хаос во Хонгконг: Полицијата пука со гумени куршуми, демонстрантите фрлаат со цигли

12. јуни 2019 - 12:17 | А.С.

Протестите во Хонгконг ескалираа кога демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на Парламентот. Полицијата со палки и солзавец се обидува да го спречи упадот, а според некои извори имало и пукање со гумени куршуми.

Демонстрантите ги блокираа улиците околу зградата на Парламентот и фрлаат со цигли на полицијата.

Екипите на Итната помош ги згрижуваат повредените, а локални медиуми пренесуваат дека дел од демонстрантите сепак успеале да влезат во еден дел од Парламентот и дека сега полицијата се обидува да ги истера надвор.

Шефот на полицијата Стивен Ло Ваи-Чунг ги нареше инцидентите „нереди“.

Во Хонгконг со денови се одржуваат протести против воведувањето на новиот закон за екстрадиција.

Законот предвидува поедноставување на процедурата за секој поединечен случај за одобрување испорачување на осомничени во други земји, вклучувајќи ги Кина, Макао и Тајван како матични земји, покрај 20-те земји со кои Хонгконг веќе има договор за екстрадиција.

Гласањето за законот е закажано на 20 јуни.

Противниците на предложениот закон сметаат дека обвинетите во кинескиот правен систем нема да имаат исти права како во Хонгконг.

Хонгконг, поранешна британска колонија, ѝ беше вратен на Кина во 1997 година со гаранција за автономија и слобода, вклучувајќи и посебен правен систем.

Коментирај