Живот

Хари и Меган се заканија со тужби против канадските папараци

22. јануари 2020 - 10:07 | А.С.

Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл, кои неодамна се преселија во Канада откако се откажаа од кралските должности во Велика Британија, најавија тужби против неколку медиуми за нарушување на приватноста.

Нивните адвокати упатиле писма со предупредување за преземање правни мерки до неколку канадски и британски медиуми кои објавиле неодобрени фотографии од Меган и синот Арчи, снимени во Ванкувер од канадски папараци кои „се криеле во грмушки и недозволено фотографирале, нарушувајќи ја нивната приватност и безбедност“.

Во писмото се наведува дека однесувањето на фотографите кои ја следат кралската двојка било „на граница на малтретирање“.

Ова не е прв случај Хари да реагира на однесувањето на папараците и медиумите. Една од причините на Хари и Меган за повлекувањето од кралските должности е желбата за помирен живот, далеку од вниманието на медиумите, особено имајќи ги предвид околностите во кои загина мајката на Хари, принцезата Дијана во 1997 година.

Во септември, Хари ги тужеше таблоидите The Sun и Daily Mirror за наводно хакирање на неговиот мобилен телефон и пресретнување на гласовни пораки.

Потоа, кога таблоидите го објавија приватното писмо што Меган му го напишала на татко ѝ со кој не е во добри односи, Хари излезе со соопштение во кое, меѓу другото, рече:

„Мојот најголем страв е дека историјата ќе се повтори. Сум видел што се случува кога личност што ја сакам се материјализира до тој степен што веќе не ја гледаат, ниту се однесуваат кон неа како кон вистинска личност. Ја изгубив мајка ми и сега гледам како мојата сопруга исто така станува жртва на истите моќни сили.“

Адвокатите на двојката тврдат дека Маркл не дала согласност да ја фотографираат и дека фотографите се обиделе недозволено да снимаат внатре во имотот на Хари и Меган на канадскиот остров.

Канадски правници коментираат дека сликите можеби се направени незаконски, со нарушување на приватноста на принцот Хари и неговата сопруга.

Меган со својот син пристигна на Ванкувер набрзо откако двојката на 8 јануари соопшти дека се повлекува од своите кралски должности. Хари им се придружи синоќа, објавија локалните медиуми.

Коментирај