Минатата година Hennessey го претстави својот моќен Venom 775 базиран на Ford F-150 за да им парира на Ram 1500 TRX и сопствениот F-150 Raptor R на Ford, а сега пристигна уште помоќен пикап наречен Venom 800.
Hennessey вели дека Venom 800 е наменет за клиенти гладни за моќност кои не можеле да си го дозволат Raptor R, па затоа тјунираниот пикап е алтернатива.
Го придвижува 5,0-литарски V8 мотор, кој развива 811 КС и 1.016 Nm вртежен момент. Поставен е компресор, а подобрен е интеркулерот воздух-вода. Исто така, моторот доби систем за вбризгување гориво со високи перформанси и нов систем за вшмукување со висок проток.
Направени се одредени модификации на издувниот систем, како и системот за управување со моторот.
Резултатот е пикап кој ги надминува Ram 1500 TRX и F-150 Raptor R и кој забрзува од 0 до 100 км/ч за околу 3,5 секунди, а поминува 402 метра за 11,7 секунди.
Со застанувањето работат нови сопирачки клешти на Brembo со 6 клипа, а пикапот е опремен и со BDX суспензија со амортизери Fox, па висината е зголемена за нешто повеќе од 152 мм. Подобрени се и задните амортизери, а пикапот има бандажи од 20 инчи со 35-инчни теренски гуми. Нови се и челичните браници.
Купувачите на пикапи обожаваат додатоци, а Hennessey има инсталирано LED теренски светла на предниот браник, карбонска предна маска, прагови што електронски се извлекуваат и осветлени предни маркери.
Внатрешноста е исто така малку изменета, а овие промени вклучуваат прошиени потпирачи за глава, патосници за сите временски услови, навлаки со мотиви на американското знаме и таблички со сериски број.
Hennessey ќе произведе само 250 примероци од моделот Venom 800, а цените сѐ уште не се објавени.