Живот

Херои од Втората светска војна за кои не сте знаеле

19. март 2017 - 9:20 | А.С.

Домородното население на островот Папуа Нова Гвинеја спасувале и лекувале војници на Сојузниците во Втората светска војна и носеле храна и помош.

Тригодишната воена кампања на Папуа Нова Гвинеја била една од најтешките за време на Втората светска војна, при што и сојузничката и јапонската војска претрпеле големи загуби, изгубиле илјадници војници во борбата да ја преземат контролата врз вториот најголем остров на светот.

Посмртоносна од непријателскиот оган била самата средина: повеќе јапонски војници умреле од глад и болести, отколку во битка во периодот од 1942 до 1945 година.

Бројни операции биле попречени од тешкотиите со кои се соочувале при одржување на рутите за снабдување со залихи низ густата џунгла, стрпните планини и брзите реки.

Бројот на жртви во редовите на Сојузничките сили ќе бил далеку поголем ако не им помогнеле домородните жители на островот, од кои илјадници работеле како носачи на носилки со ранети војници и залихи, на голема оддалеченост низ непробојниот терен, понекогаш среде битка.

Ранетите и болни австралиски војници почнале да ги викаат носачите “Fuzzy Wuzzy Angels” (Бушави Ангели) поради бушавите коси и нивната посветеност, помош и милосрдие.

Војниците длабоко ги почитувале Ангелите, а некои дури пишувале песни за нивната сила и нежност.

Фаоле Бокои, последниот член на “Fuzzy Wuzzy Angels”, почина во 2016 година.

 

„Немаат ореоли, само дупки на ушните ресички и лица покриени со тетоважи и лузни. Ги носеа на раце ранетите, стабилни како коњи, им ги заштитуваа лицата од дождот, грижливи како болничари“, напишал Сапер Х. Берос од 7. Австралиска дивизија.

„Многу момци немаше да си ги видат уште еднаш мајките, ниту сопрузите нивните жени, ако не беа Бушавите Ангели да ги спасат. Ги носеа низ бојно поле, ризикувајќи ненадеен напад, до докторите на крајот на линијата за спасување.“

Полицијата на Нова Гвинеја формира почесна гарда на свеченост за доделување медали за домородните носачи на ранети војници и залихи

Стотици домородни носачи на ранети војници и залихи од Нова Гвинеја стојат мирно додека австралискиот мајор генерал Џорџ Алан Васеј им се заблагодарува на свеченост за доделување медали

Коментирај