Фудбал

Херојот од Минхен замина во легендите

17. февруари 2020 - 17:46 | Ф.З.

Голманот на Манчестер Јунајтед кој ја преживеа авионската несреќа во 1958 година притоа спасувајќи неколкумина патници, почина на 87-годишна возраст.

Хари Грег засекогаш ќе остане со златни букви запишан во историјата на Мначестер Јунајтед. Не само како голман кој 247 пати го носел дресот на Јунајтед, не само како играч кој 10 сезони бил дел од клубот, туку и како човек херој кој во авионската несреќа спаси тројца соиграчи, тренерот и уште двајца други патници.

Родум од Магерафелт во Северна Ирска, Грег кариерата ја почна во Виндзор Парк Свифтс, резервниот тим на Линфилд. Потоа се пресели во Колрејн, а оттаму на 18 години замина во Англија во редовите на Донкастер Роверс. Во декември 1957 година го направи тогаш рекордниот трансфер за голмани кога потпиша за Манчестер Јунајтед за 23,5 илјади фунти.

Неполни два месеца откако дојде во Јунајтед беше дел од тимот кој доживеа трагедија откако на 6 февруари 1958 по третиот неуспешен обид да полета од минхенскиот аеродром авионот со тимот на Јунајтед се урна. Грег мина без сериозни повреди и од трупот на авионот ги изваде соиграчите Боби Чарлтон, Џеки Бленчфлауер и Дени Вајолет, а им помогна и на патниците Вера Лукиќ (сопруга на југословенски дипломат) и нејзината ќерка Весна, како и на тешко повредениот тренер Мет Базби. Тогаш се здоби со епитетот „Херојот од Минхен“. Само 13 дена подоцна застана на голот на натпреварот против Шефилд.

Грег играше за Јунајтед до 1966 година кога се пресели во Стоук каде ја заврши кариерата по завршувањето на сезоната 1966/67.

Веројатно тој е најдобриот голман кој репрезентацијата на Северна Ирска некогаш го имала. Настапи на Мундијалот 1958 во Шведска каде на крајот се најде во идеалниот тим на првенството, а неговата репрезентација стигна до четвртфиналето.

Потоа стана тренер, но без некој забележителен успех.

Со смртта на Хари Грег, сега останува само Боби Чарлтон како единствениот жив од преживеаните од авионската несреќа во 1958.

Коментирај