Концепти

Хибридниот Peugeot 508 Sport – од нула до стотка за 4,3 секунди

21. февруари 2019 - 16:04 | К.З.

Peugeot сѐ почесто изненадува со нови импресивни модели од францускиот погон, а овојпат вниманието на светската јавност го привлече новиот концепт Peugeot 508 Sport Engineered, кој ќе ја доживее својата премиера на Саемот на автомобили во Женева.

Новиот хибриден концепт е производ на одделот Peugeot Sport, а е базиран на серискиот модел Peugeot 508 Hybrid.

Во срцето на погонскиот систем е четирицилиндричниот 1,6-литарски Pure Tech бензински мотор со 200 коњски сили, кој доаѓа во комбинација со два електромотори. Послабиот од двата со своите 110 коњски сили е задолжен за предните тркала, додека помоќниот со 220 коњски сили ја придвижува задната осовина, со што овој автомобил добива погон на сите четири тркала.

Иако вкупната моќ на трите поединечни мотори изнесува преку 500 коњски сили, францускиот производител вели дека во реалноста возачот ќе има на располагање комбинирана моќ од околу 400 коњски сили.

Автомобилот има максимален вртежен момент од 500 Nm, а од компанијата тврдат дека Peugeot 508 Sport Engineered од состојба на мирување до брзина од 100 км/ч му се потребни само 4,3 секунди. Но, тој има електронски ограничена брзина од 250 км/ч.

„Концептот 508 Sport Engineered ги покажува нашите можности и ни дава поглед кон работите кои би можеле да се случат во наредните пет години, за кога е планирана електрификација на целата гама на возила“, велат од компанијата Peugeot.

Овој ултрамодерен концепт е опремен со погонски батерии со капацитет од 11,8 kWh, што му овозможува да помине и до 50 километри со возење во чисто електричен режим, без вклучување на бензинскиот мотор.

Коментирај