Свет

Хилари Клинтон: САД не се подготвени за опасноста од вештачка интелигенција

23. ноември 2017 - 15:15 | К.З.

Поранешната Прва Дама на САД, Хилари Клинтон, во своето последно интервју изрази загриженост за неподготвеноста на САД за вештачката интелигенција.

Зборувајќи за нејзината нова книга, Хилари Клинтон рече дека светот „вртоглаво запаѓа во нова ера на вештачка интелигенција“ која ќе влијае на начинот на кој живееме, работиме и како се однесуваме едни према други.

Во краткиот сегмент пред крај на интервјуто, Клинтон проговори за опасностите кои демнат зад аголот доколку претерано се потпреме на вештачката интелигенција (AI).

„Многу паметни луѓе, како Елон Маск, Бил Гејтс и Стивен Хокинг упорно нѐ предупредуваат за опасностите кои може да ги предизвика AI, но ние како да не ги слушаме. Тие велат дека AI не ни е пријател. На пример, дигиталното надгледување. Сѐ што зборуваме и сѐ што правиме ќе биде снимено некаде“, рече Хилари Клинтон во интервјуто.

Исто така, таа изрази загриженост и за дигиталната автоматизација на работните места, кои смета дека ќе се загубат кога AI ќе биде доволно напреднато за да ги извршува сите човечки обврски.

„Што ќе правиме кога ќе бидат измислени автономни автомобили? Звучи како добра идеја, но милионите луѓе кои работат како камионџии, таксисти и Убер возачи ќе ги загубат работните места. Тотално сме неподготвени за тоа“, додаде таа.

Сепак, во интервјуто Хилари не предложи ниту една мерка која ќе помогне при контролирањето на вештачката интелигенција, туку само ги истакна потенцијалните опасности.

„Не можеме да го вратиме духот назад во ламбата“, рече таа.

Коментирај