Филм & ТВ

Хју Грант: Откако сум грд и стар почнав да добивам разновидни улоги

16. мај 2018 - 13:29 | М.Д.

Актерот Хју Грант вели дека повеќе нема да се појавува во романтични комедии, бидејќи сега кога станал „грд и стар“ почнал да добива разновидни понуди.

57-годишниот Хју Грант, кој во драмата на „BBC“, „A very English scandal“, ќе ја толкува улогата на починатиот лидер на Либералната партија Џон Торп, вели дека во денешно време е многу поинаку кога е работата на телевизија во прашање, во однос на почетокот на неговата кариера.

„Луѓето порано поинаку гледаа на телевизиската работа, односно ги потценуваа оние кои работат на телевизија. „Јас сум сега филмска ѕвезда, не работам на телевизија“, тоа беше ставот во тоа време. Но, тоа многу бргу исчезнува. Видов дека сега и Де Ниро работи на телевизија“, изјави Грант за англиските медиуми.

„Секогаш се обидував да ја прифатам најинтересната работа која ми е предложена во даден момент. Сега, откако сум грд и стар, улогите кои ги играм станаа се поразновидни“, вели тој.

Запрашан дали планира да се појави во уште некоја романтична комедија, жанр кој му донесе светска слава на Грант, тој само кратко изјави дека тоа време веќе поминало.

Во новата серија, Грант глуми политичар кој е обвинет за убиство на поранешен љубовник.

Тој вели дека е запознат со животот на политичарите и дека истите мотиви кои постоеја во текот на шеесеттите и седумдесеттите години, остануваат исти и денеска.

„Се плашам дека секогаш главен мотив на политичарите им е да се промовираат себеси и да забележат напредок во кариерата. Тоа беше од голема важност и за Торп. Тој беше неверојатно амбициозна личност“, вели Грант.

Коментирај