Свет

Хонгконг ќе го гради најголемиот и најскап вештачки остров со 260.000 станови

20. март 2019 - 17:55 | А.С.

Владата на Хонгконг предложи план вреден 79,2 милијарди долари за пренамена на земјиште со површина од 1.000 хектари околу најголемиот остров на територијата, Лантао, како решение за недостигот на живеалишта во градот-територија, ноторно познат по највисоките цени за домување.

Властите велат дека се надеваат дека ќе почнат со процесот за пренаменување на земјиштето во градежно во 2025 година, а првите жители на вештачкиот остров што планираат да го изградат таму би требало да се вселат во 2032 година.

Вештачкиот остров, најскапиот инфраструктурен проект на Хонгконг досега, ќе чини четири пати повеќе од изградбата на меѓународниот аеродром во Хонгконг што беше отворен во Лантау во 1998 година, а исто така ќе го надмине Palm Jumeirah во Дубаи чија изградба наводно чинела 12 милијарди долари.

Вештачкиот остров ќе биде речиси три пати поголем од Централ Парк во Њујорк и ќе содржи 260.000 станови, од кои повеќе од 70% ќе се користат за државно домување, рече владата.

Меѓутоа, критичарите велат дека проектот е премногу скап и дека може да биде штетен за животната средина, особено за морскиот свет, а многумина изразуваат загриженост дека јавноста била минимално консултирана во целиот процес.

„Имајќи предвид дека сите аспекти на јавните услуги и служби во Хонгконг се на работ на колапс, дали проектот Лантао ќе ги реши проблемите или само ќе создаде поголема криза?“, напиша на својот Facebook профил продемократскиот пратеник Еди Чу.

Преку островот Лантао во 2018 година беше отворен новиот мегамост за кој се вели дека е најголемиот мост преку море и ги поврзува Хонгконг со соседен Макао и копнена Кина, во време кога Пекинг се труди да го зајакне владеењето во своите полуавтономни територии.

Илјадници луѓе излегоа на протести против планираниот вештачки остров. Тие предупредуваат дека и онака ранливиот број на обожаваните розови делфини во водите околу Лантау би можело целосно да згасне како последица на огромните инфраструктурни проекти.

Коментирај