Мобилни

Honor во јануари ќе го претстави мистериозниот нов смартфон

5. декември 2018 - 20:44 | К.З.

Кинеските компании полека стануваат големи играчи на пазарот на смартфони - Huawei веќе е прифатен како еден од најиновативните производители, додека Honor никогаш не се плаши да експериментира и да воведува нови технологии и трендови. Токму поради тоа веста за новиот смартфон на Honor е голема за пазарот на телефони.

Мистериозниот телефон ќе го види светлото на денот на 22 јануари 2019 година, за кога е закажана неговата премиера.

Во првиот месец од новата година, во Париз, Honor ќе го претстави новиот модел на смартфон. Иако раководството на компанијата веќе ги испрати поканите, името на телефонот и понатаму останува непознато. Веројатно со почетокот на 2019 година ќе бидат објавени повеќе детали околу него.

Поканата која беше испратена од страна на компанијата го покажува новиот дизајн на екранот со дупка во горниот лев агол наместо типичниот notch на средина од екранот, кој беше толку многу популарен во изминатата година. Во малата дупка ќе биде сместена предната камера.

Всушност, не се работи за уникатна иновација на Honor, туку малата дупка веќе се наоѓа на дизајните на неколку производители, а помеѓу нив се Huawei и Samsung.

Huawei, компанијата која е сопственик на групацијата во која се наоѓа Honor, најави дека нивниот модел со дупка на екранот ќе биде претставен наскоро, можеби и во текот на овој месец. Се работи за моделот Nova 4 за кој пишувавме пред неколку дена.

Коментирај