Фит

Храна што најбрзо ги топи масните наслаги на стомакот

27. мај 2019 - 11:28 | А.С.

Исфрлањето на јаглехидратите, калоричната и мрсната храна од менито е првиот чекот што повеќето луѓе го прават во напорите да ослабат.

Меѓутоа, според едно најново истражување, не треба да се лишуваме од одреден вид на храна, туку само да внесуваме повеќе протеини.

Истражувањето чии резултати беа објавени во US National Library of Medicine покажа дека внесувањето повеќе намирници богати со протеини го забрзува метаболизмот за 15 до 30 отсто.

Тоа е многу повеќе споредено со јаглехидратите што го забрзувале метаболизмот на испитаниците за 5 до 10%, и мастите кои имале ефект на забрзување од 0 до 3%.

Високопротеински намирници се месо, риба, јаткасти плодови, грав, мешунки и јајца.

Ова истражување покажа дека исхраната богата со протеини ќе ви помогне да ја намалите тежината и побрзо да ги стопите масните наслаги во пределот на стомакот.

Друго истражување покажа дека луѓето кои го зголемиле внесувањето на храна богата со протеини за 30% јаделе 441 калорија помалку во текот на денот.

Нутриционистката Сузи Барел смета дека кога луѓето го намалуваат внесувањето протеини во исхраната почесто чувствуваат глад, постојано нешто грицкаат и имаат полоши прехранбени навики.

„Протеините се преработуваат побавно од јаглехидратите и затоа помагаат во контролирањето на нивоот на хормони во телото и нѐ одржуваат сити. Затоа, погрижете се во секој оброк да имате барем 20 до 30 грама протеини“, изјави таа за Body&Soul.

Нејзин совет е појадокот и ручекот да не бидат премногу лесни.

„Ако за појадок јадете само житарки, а за ручек обична салата, процентот на внесени протеини до половината на денот ќе биде низок, а тоа може да предизвика глад попладне. Додадете јајца или павлака во појадокот, а во ручекот 100 до 150 грама пилешко или риба, па така ќе одбегнете прејадување подоцна во текот на денот“, советува Барел.

Со други зборови, потрудете се да внесувате протеини во секој оброк и така ќе го поттикнете метаболизмот кој за возврат ќе согорува повеќе масти.

Коментирај