Фудбал

Хрватите го сакаат Анџелоти за селектор

19. октомври 2017 - 10:32 | Макфакс

Тиражниот италијански весник „Газета дело Спорт“ објави дека Карло Анџелоти преговара со Фудбалскиот сојуз на Хрватска околу преземањето на националниот тим на оваа земја.

Според истиот извор, Хрватите го контактирале Анџелоти, откако тој доби отказ во минхенски Баерн и му понудиле да ја предводи Хрватска на Светсокото првенство, доколку „коцкестите“ го минат бараж двомечот на 9 и 12 ноември.

Инаку Хрватска на последниот меч во квалификациите и победата во Украина (0:2) ја предводеше Златко Далиќ, тој го наследи Анте Чачиќ кој доби отказ по неколкуте лоши резултати, поради што Хрватска ќе мора да игра дополнителни две средби за да се пласира на Мундијалот.

Како што пишува „Газета дело Спорт“, иако на Далиќ му било ветено дека ќе ја води селекцијата на Сп во Русија доколку бидат успешни во баражот, челниците на Фудбалскиот сојуз на Хрватска „биле уверени дека на нивниот тим, кој е преполн со одлични играчи, му недостига само искусен, врвен тренер, кој имал успеси на сите нивоа“.

Анџелоти со Хрватите веќе ги извршил првите разговори и наводно бил подготвен да работи и за помала плата, само за да ги предводи „коцкестите“ на Мундијалот.

Познато е дека 59-годишниот Италијанец во Реал Мадрид заработуваше годишно по 7,5 милиони евра.

Карло Анџелоти е еден од најдобрите во својата работа, тој ја има освоено Лигата на шампиони три пати, а успеал да биде шампион во четири национални шампионати (Италија, Франција, Англија, Германија).

Во кариерата работел во Реџина, Парма, Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Реал и Баерн.

Коментирај