Бизнис

Huawei очекува пад на продажбата на телефони од 40% и загуба од 30 милијарди долари

17. јуни 2019 - 18:03 | К.З.

Основачот на Huawei, Рен Женгфеи, денеска изјави дека компанијата во оваа година очекува пад на продажбата на мобилни телефони на странските пазари од 40%, што е директна последица на ставањето на кинескиот производител на американската црна листа.

Се очекува дека приходите на Huawei ќе бидат за 30 милијарди помали од она што беше претходно прогнозирано за наредните две години, а ќе изнесуваат вкупно околу 100 милијарди годишно.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец ја стави Huawei на црната листа на компании чии деловни односи со американските партнери се забранети или строго регулирани и контролирани.

Некои од клучните партнери на Huawei, како Google (чиј оперативен систем Android е вграден на сите смартфони на кинеската компанија) или Intel, Qualcomm или Broadcom (производители на процесори кои ги користат смартфоните) сега имаат ограничена соработка со технолошкиот гигант.

„Сите тие американски компании имаат свој интегритет и етика. Моменталните блокади не се предизвикани од политиката на компаниите, туку од одредени политичари кои имаат различна перспектива од онаа која ја има Huawei“, изјави Рен.

Од Huawei истакнуваат дека и покрај лошите односи со САД, не очекуваат американската влада да преземе екстремни мерки против нив, како на пример ограничувања на соработката помеѓу компанијата и американските универзитети.

Коментирај